Како да заштедите пари и да ги планирате личните финансии

Личниот буџет е од витално значење во секое време. Меѓутоа, тој е од особена важност сега кога се забележуваат знаци на стагнација, брза инфлација и зголемување на цените на енергетските ресурси во светската економија. Добро осмислениот буџет со предвидливи трошоци ќе ви помогне да ги надминете финансиските потешкотии и да ја одржите економската благосотојба.

Планирањето на буџетот може да се карактеризира со едноставно правило – трошете помалку отколку што заработувате. Сепак, во секојдневниот живот, оваа формула не секогаш функционира затоа што секој од нас има индивидуални потреби, навики на трошење пари и желби. Експертите обично препорачуваат да се фокусирате на подетален пристап при креирањето на буџетот. Овде ќе ги најдете основните принципи и правила кои ќе ви помогнат да ги планирате вашите финансии и трошоци поуспешно.

Поставете ја вашата цел
Претпоставете дека сте одлучиле да започнете со планирање на вашиот буџет. Обично постои причина за тоа, на пример, желбата да се намалат редовните и повремени трошоци, желбата да започнете со штедење на пари за иднината, желбата да заштедите пари за поголеми набавки и многу други. Јасно поставената цел, и прецизно одредениот временски рок, ќе бидат  како едно ветување кон себеси, кои  ќе ви помогнат точно да одредите колку вашите навики на трошење ќе мора да се променат за да ја постигнете таа иста цел.

Формирање на навика
Навиката обично се формира за два месеци. За ова време, треба да обрнете посебно внимание на дисциплина во поглед на трошењето. Обидете се да живеете економично и не паѓајте на импулсивни купувања. По околу 60 дена, ќе забележите дека нетрошењето пари станува полесно од трошењето!

Следете го вашето трошење
Експертите препорачуваат редовно следење на вашиот прилив на пари за да разберете кои се вашите можности за намалување на трошоците и за создавање навика за штедење на пари. Во првите три до шест месеци, ќе имате шанса да разберете кои редовни и повремени трошоци се во вашиот буџет и колку можете да ги намалите. Во следењето, се препорачува да користите детална табела MS Excel или некоја од достапните онлајн апликации, за запишување и следење на трошоците по позиција. Задолжително разделете ги трошоците што е можно подетално, разгледувајќи ги посебно трошоците за храна, хигиена, култура, сместување, комуналии, забави, студии и образование, социјални медиуми, транспорт, патувања, облека, подароци, големи купувања, заеми и др. Распределете ги вашите трошоци по позиции секој месец за да видите кои трошоци, можете да ги намалите, со цел да заштедите повеќе пари.

Покријте ги основните трошоци
Основните трошоци обично се оние поврзани со редовните трошоци за стан или куќа и финансиските обврски, како што се банкарските кредити. Овие се трошоци чии рокови не треба да се одложуваат за да се заштедат пари. Во други случаи, храната исто така се додава на основните трошоци, каде што често е можно да се прегледа кошничката и да се изберат помалку скапи алтернативи.

Трошете помалку на секундарни добра
Претходното правило нè води до следното – трошете помалку на предмети кои не се неопходни за удобен живот. Ако сакате да заштедите пари, не ви се потребни најскапите обувки или дизајнерска чанта. Обидете се да го балансирате квалитетот, брендот и цената, ставајќи ја функционалноста на прво место.

Справете се со инфлацијата и животниот стил
Често, ако нечиј приход се зголемува, амбициите за трошење пари исто така се зголемуваат – за почеток, се прават поголеми и поскапи купувања. Сепак, ако вашиот приход се зголеми, тоа не значи дека треба да трошите повеќе. Во таков случај, постои ризик од влегување во таканаречена ,,сопствена трка’’ каде што почнувате да заработувате повеќе, почнувате да трошите повеќе, вашите потреби и финансиски обврски се зголемуваат, што ве тера да работите уште повеќе за да заработите повеќе, и така натаму. Во одреден момент, ќе го достигнете максимумот на плата и ефективност на работа, што ќе ве принуди повторно да живеете од плата до плата. Затоа, продолжете мудро да ги користите вашите пари, одржувајќи ја навиката на заштеда. Не можете да ја контролирате цената на автомобилот, но можете да изберете автомобил што можете да си го дозволите.

Не носете брзи одлуки за заемот
Ако го сте го стабилизирале вашиот приход и трошоци и успевате редовно да заштедувате, секогаш внимателно проценете дали ви е потребен заем за одредени купувања или можете да заштедите одредена сума на пари и истото нешто да си го купите сами. Не брзајте да преземете кредитни обврски. Дополнително, не е секогаш потребно да го користите максималниот износ на заемот што го земате од банката, на пример, при купување на куќа или автомобил.

Ако одлучите да земете кредит, но сакате да ја одржите навиката на заштеда, поминете повеќе време на оценување на понудите од банките и други финансиски институции. Обратете внимание на трошоците за издавање на кредит, каматните стапки и дополнителните трошоци поврзани со кредитот и изберете ја најевтината опција.

Обезбедете заштеда од најмалку 10-20% од вашиот нето приход
Не заборавајте да правите редовни заштеди од најмалку 10-20% од вашиот нето приход или обидете се да создадете сигурносна основа од 3-6 месечни плати. На тој начин, ако ја изгубите работата или имате значителен, неочекуван трошок, нема да мора да позајмите повеќе од она што можете да го вратите. Секогаш е подобро да штедите на посебена сметка од која не правите дневни исплати, како што е сметката за заштеда. Исто така, корисна ќе биде границата на трошоци што ја нудат повеќето банки. Во некои случаи, можете да направите и кеш заштеди, но тогаш посебно внимание треба да се посвети на безбедноста на местото каде што ќе ги чувате вашите пари.

Информациите содржани во рамките на алатката за финансиска едукација служат само за информативни цели. Корисникот на алатката секогаш треба да прави сопствено истражување и да бара стручен совет за да се осигура дека дадените препораки се соодветни за нивната лична ситуација. Ние не гарантираме целосна точност, комплетност или веродостојност на какви било совети, мислења, изјави или други информации прикажани или дистрибуирани преку оваа веб-страница. Затоа, секое потпирање на дадените информации е исклучиво на лична одговорност на корисникот на алатката.