Совети за препознавање на измами при аплицирање за кредит

Покрај сите придобивки на современиот дигитализиран свет, сепак постојат одредени предизвици со кои треба соодветно и едуцирано да се соочиме. Меѓу нив е и предизвикот наречен измами, од кои не е исклучен светот на финансиите. Современите технологии и методи им овозможуваат на лицата кои имаат намера да наштетат на другите да станат сè пософистицирани, отежнувајќи го нивото на заштита при кредитирање. Со популарноста на финтек и онлајн кредитирањето, измамниците стануваат сè покреативни во обидите да пристапат до вашите финансиски информации и ресурси. Поради тоа, важно е да бидете внимателни и да научите како да ги идентификувате и избегнувате лицата или компаниите кои сакаат да направат одредена измама.

Лиценца за кредитирање

Осигурајте се дека кредиторот што ќе го изберете има лиценца за работа во областа на кредитирање, во согласност со пропишаните законски акти. Овие информации може да се добијат од јавни бази на податоци што ги одржуваат регулаторите во индустријата, во нашиот случај, Министерството за Финансии. Само соработка со лиценциран кредитор ќе ги заштити вашите потрошувачки права во случај на спорови.

Истражувајте

Многу е важно е да ги истражите компаниите кои нудат кредити, пред да им дадете какви било лични или финансиски информации. Проверете ги нивните податоци, но и други извори на информации. Ангажирањето искусен адвокат за недвижнини кој ќе ги прегледа сите документи е одлична идеја ако купувате скапи предмети, како на пример стан, куќа или друга недвижнина. Тие исто така можат да ви помогнат да ја потврдите легитимноста на кредиторот.

Познат и доверлив кредитор

Треба да соработувате со реномиран кредитор кој ги проверува кредитната историја, приходите и имотот на потенцијалните клиенти. Внимавајте на кредитори кои не прават детални проверки и не ги верификуваат финансиските податоци на клиентите. Исто така, секогаш проверувајте дали има несогласувања во документите за кредит, како што се неточни лични податоци, вклучувајќи го и вашиот единствен матичен број, број на документ за лична идентификација или друг вид на информација.  Осигурајте се дека кредиторот има валидна физичка адреса и дека нивната веб-страница има доволно јасни информации за процесот на кредитирање, производите и трошоците.

Плаќање на трошоците однапред

Сериозните компании кои нудат кредити, никогаш нема да ви побараат да ги платите трошоците за кредиот пред да ја разгледаат вашата апликација. Исто така, бидете внимателни со неочекувани повици или е-пошта каде ви се нуди кредит,  и покрај тоа што имате влошена кредитна историја. Повеќето од овие понуди се измами, особено ако доаѓаат од за вас непознати компании, па никогаш не споделувајте ги вашите лични или банкарски податоци со лица или компании што не ги познавате.

Не споделувајте информации што не се неопходни за обработка на кредитот

Бидете внимателни со кредитори кои бараат лични информации, како што се лозинки за вашиот банкарски профил. Никогаш не треба да давате доверливи информации на кредитор кој не го познавате.

Проверете, и повторно проверете

Бидете сигурни дека сте запознаени со целокупниот процес на аплицирање. Сериозните кредитори имаат транспарентен процес на апликација, што не вклучува скриени трошоци или провизии. Осигурајте се дека сте запознаени со условите на кредитот и дополнителните трошоци, како што се трошоците за одобрување или затворање на кредитот, пред да го потпишете договорот за кредит.

Верувајте му на вашиот инстинкт

Ако нешто изгледа предобро за да биде вистинито, веројатно е така. Ако чувствувате дека нешто не е во ред, не двоумете се да прашате, дури и неколку пати. Истражувањето и поставувањето прашања може да ви помогнат да се смирите и да утврдите дали кредитот е легитимен.

Проверете го износот на кредитот

Проверете го износот на кредитот што ви е понуден. Осигурајте се дека износот на парите е точен пред да потпишете договор или да направите плаќања кон кредиторот.

Добивајте сè во писмена форма

Осигурајте се дека секој устен договор или ветување што ќе го добиете од кредиторот е ставено во писмена форма. Ова ќе ве увери дека ги разбирате условите на кредитот и сите трошоци, вклучувајќи ги и казните за задоцнети плаќања.

Пријавете измама На крај, ако сметате дека сте жртва на измама при земање кредит, задолжително контактирајте ги надлежните органи за да го пријавите случајот. Со преземање на овие мерки на претпазливост, можете да се заштитите од измамници и да го добиете кредитот што ви е потребен од сериозна компанија.

Информациите содржани во рамките на алатката за финансиска едукација служат само за информативни цели. Корисникот на алатката секогаш треба да прави сопствено истражување и да бара стручен совет за да се осигура дека дадените препораки се соодветни за нивната лична ситуација. Ние не гарантираме целосна точност, комплетност или веродостојност на какви било совети, мислења, изјави или други информации прикажани или дистрибуирани преку оваа веб-страница. Затоа, секое потпирање на дадените информации е исклучиво на лична одговорност на корисникот на алатката.